Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот грчки амбасадор, Русос Кундурос

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Telegram

Претседателот на Северна Македонија ,Стево Пендаровски во Вторник ги прими акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Хеленската Република во Република Северна Македонија, Русос Кундурос.

На церемонијата, Пендаровски нагласил дека односите меѓу двете земји денес се карактеризираат со пријателство, висок степен на политички дијалог и посветеност на политиката на добрососедство и регионалната соработка.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, тој изразил и уверување дека во периодот што следи приоритет ќе биде реализација на конкретни проекти, што ќе влијаат на натамошно интензивирање на економските релации.

Амбасадорот Кундурос истакнал дека Грција е подготвена да ја поддржи нашата земја во процесот на пристапување кон Европската Унија и искажал цврста заложба за јакнење на севкупните билатерални односи, со посебен акцент на унапредување на економската соработка.

Во поздравното обраќање шефот на државата му посакал успех во извршувањето на оваа одговорна функција на амбасадорот Кундурос и истакнал дека неговиот досегашен професионален ангажман ќе придонесе за збогатување на билатералните односи и на соработката меѓу двете земји кои споделуваат исти заложби за мир, слобода, демократија и просперитет на регионот и пошироко.

– Со потпишувањето на Преспанскиот договор започна новото поглавје во нашите билатерални односи. Преку договорот, не само што покажавме како треба да се решаваат отворените прашања помеѓу две соседни држави, туку го трасиравме и патот кон значително унапредување на соработката базирана на заемно почитување и партнерски однос, од која најголема полза ќе имаат, пред сè, нашите народи, рекол претседателот Пендаровски.

Констатирал дека денес односите меѓу нашите држави ги карактеризира искрено пријателство, висок степен на политички дијалог и натамошна посветеност на политиката на добрососедство и регионална соработка.

– Впрочем, виталноста на нашите односи се покажа на дело и во справувањето со последиците од пандемијата со КОВИД-19. Соработката и координацијата меѓу институциите на двете држави во првиот бран, во функција на успешна репатријација на граѓаните на двете држави, беа навистина на високо ниво, рекол шефот на државата.

Пендаровски посочил дека не треба да го заборавиме и постојаниот заеднички ангажман и придонес за безбедноста и за стабилноста на нашата заедничка граница во справувањето со мигрантските текови, кои сè уште предизвикуваат сериозни последици и проблеми во Европа и пошироко.

Тој изразил уверување дека имаме бројни можности за дополнително унапредување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес.

– Во таа насока, ценам дека особен приоритет треба да дадеме на областите каде заради отсуството на соодветна правна рамка во минатото, соработка скоро и да не постоеше. Оттука, сметам дека реализацијата на конкретните проекти за подобрување на железничкото, патното и енергетското поврзување, комуникациите, туризмот, протокот на луѓе, науката и образованието, значително ќе го збогатат спектарот на односи и ќе влијаат на натамошно интензивирање на економските врски, каде веќе бележиме одлични резултати, подвлекол претседателот на РС Македонија.

Грција е меѓу петте најзначајни трговски партнери на нашата држава, а тоа, споменал во обраќањето Пендаровски, дава доволно простор за искористување на потенцијалот и на можностите за унапредување на бизнис-релациите.

Потсетувајќи дека Република Северна Македонија во 2020 година и официјално стана членка на НАТО, каде рамноправно со другите земји членки се залага за обезбедување на мирот и на стабилноста, истакнал дека во рамки на соработката со НАТО, како сојузници и соседи ги склучивме техничките аранжмани меѓу министерствата за одбрана на двете држави за заштита на воздушниот простор, што претставува уште една потврда на изградената заемна доверба и прилог кон заедничката безбедност во поширок контекст.

Во иднина ни претстои значаен процес кон остварување на европските аспирации за рамноправно членство во Европската Унија, потенцирал Пендаровски, додавајќи оти искрено сметаме на гласната поддршка од Грција, како пријател, сојузник и стратешки партнер на Република Северна Македонија во овој процес.

– Нашите очекувања се дека во текот на 2021 ќе се одржи првата Меѓувладина конференција, со што ќе се означи и официјален почеток на пристапните преговори, преку кои ќе имаме можност и практично да докажеме дека сме подготвени да го придвижиме процесот на нашата европска интеграција, истакнал шефот на давата.

Пендаровски изразил увереност дека за време на мандатот на амбасадорот Кундурос, со заеднички ангажман и заложби, ќе придонесат за уште поголемо продлабочување и интензивирање на билатералните односи и соработка меѓу нашите две пријателски држави и ќе имаме прилика заедно да бидеме сведоци на уште поголемо зближување меѓу нашите народи.

Пендаровски изразил задоволство за упатената покана да ја посети Атина во прва официјална посета на претседателско ниво за сиот период од нашите односи.

Амбасадорот Кундурос во обраќањето по овој повод ја нагласил искрената желба и посветеност на Грција за унапредување на добрососедските односи, тесната соработка и пријателството со Република Северна Македонија.

– Како непосредни соседи, со заедничка работа, можеме многу да постигнеме. Очигледно, постојат ветувачки можности за натамошно зајакнување на билатералните односи во многу области од заеднички интерес, што ќе биде од корист на нашите земји и нивните граѓани. Тоа ги вклучува нашите економии, така што сметаме дека се поголемата економска соработка ќе биде највисок приоритет. Постојат охрабрувачки знаци, па затоа треба да го искористиме моментумот, рекол амбасадорот Кундурос.

Еден од столбовите за градење цврста врска во сегашноста, но и за во иднина, оценил тој, е целосното, доследно и со добра намера спроведување на Договорот од Преспа во целост.

– Покрај важниот чекор за пристапување во НАТО, Република Северна Македонија го избра патот на европската интеграција и стана кандидат за пристапување кон Европската Унија. Грција со задоволство гледа на овој процес, бидејќи истиот се покажа како фактор на стабилност, демократија и просперитет во Европа и е од суштинско значење и за нашиот дел од континентот, подвлекол амбасадорот Кундурос.

Додал дека е многу важно, што Грција е убедена во неопходноста од регионална соработка заснована на добрососедски односи. Неопходен услов за тоа, истакнал, е почитувањето на начелата на Обединетите Нации и почитувањето на меѓународното право и меѓународните договори од страна на сите, без исклучок.

– Како земја-членка на ЕУ, Грција е подготвена да ве поддржи во придвижувањето на процесот на пристапување, преку исполнување на потребните услови и, на крајот, овој суштински избор на вашиот народ да стане реалност, нагласил меѓу другото амбасадорот Кундурос