ГРЧКАТА ФИРМА ППЦ ЌЕ ЈА ГРАДИ ХИДРОЦЕНТРАЛАТА ЧЕБРЕН, ЌЕ ЧИНИ ЕДНА МИЛИЈАРДА ЕВРА

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Telegram

Грчката фирма ППЦ – Архиродон ја доби концесијата за користење на водата на Црна Река во Северна Македонија за производство на струја со изградба на хидроелектрични централи, соопшти владината прес-служба, по одржувањето на 185-та седница.

Оттаму велат дека е донесена одлука со која се предвидува реализација на најважниот енергетски проект во државата- хидроцентралата Чебрен.

Ова е четиринаесетти обид за доделување на концесија на Црна Река. На овој му претходеа 13 неуспешни тендери за Чебрен во изминатите 20 години. Идејата, пак, за Чебрен потекнува од 60-тите години на минатиот век. Последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година.

Грчката фирма доставила најповолна понуда, велат од Владата.

Фирмата има обврска во рок од три месеци да склучи Договор за заедничко вложување и со македонската Електрани за Северна Македонија (ЕСМ) да основаат акционерско друштво. ЕСМ ќе учествува со третина од акционерскиот капитал. Новоформираната компанија ќе треба да обезбеди дозвола за користење на вода.

„Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Хидроцентралата Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава“, велат од Владата.

Во Владата велат дека Чебрен е од исклучително значење за енергетската транзиција на земјата и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделие и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот, се додава во владиното соопштение.

Доколку се изгради хидроелектраната Чебрен, таа треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно. Северна Македонија сега користи само една четвртина од својот хидропотенцијал за производство на струја. Со инвестиции во оваа централа, С. Македонија, која е зависна од увоз на струја, може да обезбеди релативно достапна струја во наредните децении.

По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае 7 години.