ЗАЕВ: НА ПОЧЕТОКОТ НА 2021 ГОДИНА ПОЧНУВА ИЗГРАДБАТА НА ИНТЕРКОНЕКТОРОТ СО ГРЦИЈА, СЕ ПРИКЛУЧУВАМЕ НА АЛЕКСАНДРОПОЛИС

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Telegram

Премиерот  на Северна Македонија, Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања во Собранието, најави дека со донесениот Закон за ГА-МА продолжува со интензивно темпо реализацијата на гасификацијата, како една од најважните стратешки интереси на државата.

„По прифаќањето на Законот во Собранието, сите граѓани се сопственици на националниот гасовод, што е огромна придобивка за граѓаните и за националните можности на државата“, оцени премиерот Заев.

Премиерот Заев, додаде дека, наместо да биде присутен само еден извор на гас, со што државата, со години, се држеше во монополска позиција, сега е отворена можноста да влезе и азербејџанскиот гас, да влезе и течен гас од Америка, од Катар, од Турција.

„Ја најавувам првата директна инвестиција, а тоа е нашето учество во Александрополис гасоводот. Доживеавме нашата земја да инвестира во Грција, во гасниот терминал во Александрополис, инвестиција меѓу 6 ипол и 7 ипол милиони евра и ќе имаме 10 проценти учество, Грција има веќе 20 проценти учество, Бугарија има 20 проценти учество, една американска и една грчка компанија се останатите партнери и да учествуваме со 25 проценти во Гасната централа на природен гас во Александрополис“, објасни Заев.

Изградбата на интерконекторот со Грција, како што рече премиерот Заев, е проект вреден 54 милиони евра, од коишто, од инвестициската рамка за Западен Балкан, имаме 14 милиони евра грант.

„Завршена е целата документација, почетокот на 2021 година очекуваме почеток на изградбата на овој интерконектор, којшто ја дава за прв пат можноста да влезе втор, трет, четврти, петти извор на гас“, рече Заев.

Тој посочи дека покрај овој интерконектор, се работи на реализацијата на други три интерконектори за гас.

Заев изрази очекување за 30 процентно намалување на цената на природниот гас во државата, што како ефтин и еколошки енергенс ја отвора големата еколошка и енергетска можност за Северна Македонија, за стопанството и за граѓаните.

„Ова ја развива и можноста за изградбата гасни централи за производство на електрична енергија, како и ревносно да ја следиме еколошката агенда на државата, согласно Европската зелена агенда, односно брзата транзиција од јаглен во еколошки реагенси, за производство на електрична енергија“, дополни премиерот околу гасификацијата, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.