Фабриката „ ТИТАН Усје“ синоќа во НОБ го одбележа својот импресивен јубилеј – 70 години постоење, седум децении во кои компанијата прерасна од локален индустриски капацитет во современ и технолошки напреден производствен центар, препознатлив и надвор од границите на земјава.
Основана во 1955 година, фабриката „Усје“ започна со скромни ресурси, но со големи амбиции. Во текот на децениите, компанијата постојано се модернизираше, воведувајќи нови технологии и стандарди во производството. Посветеноста на квалитетот, безбедноста и иновациите ја позиционира „Усје“ како столб на домашна индустрија.
Прославата на 70-годишнината ја отвори генералниот директор на ТИТАН Усје Константинос Николау и беше одржана во присуство на сегашни и поранешни вработени, партнери, претставници од институциите и бизнис-заедницата. Настанот беше можност да се оддаде признание на вработените кои со децении придонесувале за развојот на фабриката, како и да се потсетат клучните моменти од историјата на компанијата.

Николау истакна дека успехот на „ТИТАН Усје“ е резултат на континуираната работа, професионалноста и визијата да се создаде фабрика која ќе биде пример за индустриски развој во регионот.
Во последните години, „ ТИТАН Усје“ интензивно инвестира во зелени технологии, енергетска ефикасност и намалување на емисиите. Целта е фабриката да биде модерен, еколошки одржлив производствен капацитет, усогласен со европските регулативи и глобалните стандарди.
Во НОБ синоќа говореше и извршниот директор на ТИТАН за Европа, Јани Панојарас кој најави нови проекти за дигитализација, автоматизација и подобрување на производните процеси – чекор напред кон индустријата на иднината.

Со децении „ТИТАН Усје“ има значајна улога и во локалната заедница, преку поддршка за образовни институции, културни иницијативи и еколошки проекти. Овој јубилеј беше искористен и за потсетување дека силната индустрија и одговорното работење создаваат нови можности за развој на целото општество.
Со силно наследство, модерна визија и јасна стратегија, „ ТИТАН Усје“ влегува во новата деценија подготвено за нови предизвици. Компанијата останува посветена на квалитетот, иновациите и одржливоста – вредности што ќе ја водат и во иднина.
Јубилејот од 70 години не е само прослава на минатото, туку и ветување за уште посилна иднина на еден од најзначајните локални индустриски симболи.
Од компанијата се заблагодарија на своите соработници – факултетите, а вечерта на сцената на НОБ настапи и Националниот Џез Оркестар.

